Индијанополис

      Деновиве, неколку пати беше повторено и прецизирано дека индиски капиталисти намераваат да фрлат дел од својот вреден капитал во земјата која пред 2 300 години Аце имаше намера да ја окупира.

      Индиски милијардери (во некои new primitives делови на Р. Македонија познати како Индијанци) сакаат да инвестираат „стотици милиони евра“ во државава?

      Од кај испадна таа инвестиција? Зарем некој од нив кликаше рандом места на google Earth и му се погоди Љубаништа во Охрид и си рече „е, овде ќе фрлам тон пари“?

      Aj вака: кој би инвестирал милијарда долари без некои големи можности да ги врати? Кој инвестира милијарда евра во политички нестабилен регион? Во демографски уназаден регион? Во инфраструктурно унаказен регион? Во земја која нема логика да оди во ЕУ се додека не се сецесионира, во земја на која и се случува work/brain drain, и локалните/регионалните патишта повеќе можат да служат за организација на Белград – Дакар рели, него за модерен сообраќај?

      Прилично нереално изгледа бомбастичната најава за изградба на “којзнае што“ во Охридскиот регион, кој требало понатаму да биде посетуван од туристи од Русија, Кина, Индија. Да ги додадеа туристите од ЈАР и Бразил, ќе помислев дека се работи за самит на БРИКС. Не за друго, доволна е делегација од Кина за да се исполнат сите капацитети на Охридската ривиера, нели.

            Шегата настрана, но барем да обелоденеа за колку „стотици милиони“ се работи. Или, колку што ќе испадне – толку? Небаре се работи за шопинг во маркет кој петочки нуди производи кои се блиску до изминат рок, па поефтино се наоѓат на рафтовите.

      Во очекување на детални и прецизни извештаи за проектот кој ќе ни го „покрене“ стопанството со туристи кои мака ќе мачат на патот Охрид – Св. Наум, доколку не планираат да одат со локалниот автобус, ќе кажам само дека, доколку се исполни барем процент од „големата најава“, 48 часа ќе гледам турски серии со синхронизиран превод, за казна!

Leave a comment